Колку сон Ви треба за да функционирате онака како што треба?
Како што е општо познато, на возрасните им се потребни околу 7 часа спиење во текот на ноќта, а на децата и адолесцентите - од 9 до 10 часа. Но, потребното време, индивидуално може многу да варира. И тоа од 5 до 10 часа.
Од исклучителна важност е да откриете колку спиење Ви е потребно за да бидете здрави и во форма, а потоа и да настојувате да спиете по толку време секоја вечер.
Кога спиете онолку колку што Ви е потребно, се будите освежени и спремни за денот пред Вас. И кога не спиете доволно Вие можете да функционирате, но во тој случај не сте во состојба да го постигнете својот полн потенцијал.
Еве неколку знаци дека не сте наспани:
- Потребен Ви е будилник за да се разбудите
- Спиете повеќе и подолго за време на викендот
- Имате проблем со станувањето наутро
- Се чувствувате уморни
- Имате подочници
- Наутро имате главоболки
- Лесно губите концентрација
- Ви се случува да задремете и кога не треба – во друштво, во кино, театар, додека возите и сл.
Доколку кај себе препознавате некој од овие знаци, обидете се постепено да го зголемувате времето на спиење. Правете го тоа секоја вечер, сè додека не стигнете до идеалното време (односно кога знаците дека сте не наспани ќе почнат да исчезнуваат).
Ако веќе подолго време не спиете онолку колку што треба, ќе Ви биде потребно исто така подолго време да се „нормализирате“. Во случај да се чувствувате ненаспани, без разлика на тоа колку спиете, консултирајте се со доктор. Можеби се работи за сериозно нарушување на спиењето.
Меѓу проблемите поврзани со „ненаспаноста“ е и настојувањето да се „помине“ со помалку спиење. Ова се случува се почесто кај вработените луѓе кои оној час што треба да го отспијат го менуваат за час посветен на работна задача. Но, недоволното спиење всушност Ве прави помалку продуктивни, дури и кога Вие лично сметате дека сте завршиле повеќе работа. И не само тоа. Недостатокот од природен сон, освен што може лошо да се одрази врз Вашата ефикасност, може и сериозно да му наштети на Вашето здравје.
Спиењето му помага на Вашето тело да се регенерира. Исто така, му помага на Вашиот ум да го прими и складира она што сте го доживеале тој ден. Кога останувате без спиење, неизбежно е да ги почувствувате физичките и психичките ефекти.
Меѓу нив се:
- Истоштеност
- Раздразливост
- Невнимателност
- Недостаток од концентрација
- Бавни реакции
- Нервоза
Овие моментални ефекти можат да влијаат на односите со Вашето опкружување, на ефикасноста на работното место или на училиште, на Вашата способност да уживате во животот. Тие го зголемуваат и ризикот од повреди и незгоди на работното место или при возење. По само неколку дена без спиење, човечкото тело доживува промени слични на забрзано стареење: лошо помнење, проблематичен метаболизам (во однос на шеќерот и хормоните) и отежната телесна моторика.
Ако недостатокот од спиење трае подолго време, се зголемува ризикот од многу сериозни здравствени проблеми, како на пример:
- ослабнат имунолошки систем
- дијабет
- депресија
- висок крвен притисок
- зголемена телесна тежина
Добрата вест е дека можете да ги спречите овие сериозни последици. Тоа најлесно можете да го направите со препознавање на раните знаци за недостаток од спиење. Потоа, треба да го зголемите времето поминато спиејќи, сѐ додека не се почувствувате одморени.
Дали се будите освежени и подготвени да ги совладате предизвиците на денот? Ако не, прочитајте ги советите што Ви ги нудиме...
|