Колку долго треба да спиеме за да функционираме правилно?
Не постои единствен одговор. Секој според сопствените потреби. Должината на спиењето може да се спореди со количината на храна која му е потребна на секој поединец за да ја задоволи гладтта. Не е важно колку долго спиете, важно е како се чувствувате наутро и како ќе функционирате во текот на денот.
Повеќето луѓе сметаат дека доволно спијат.
Дали наутро кога ќе се разбудите чувствувате потреба да се излежувате уште неколку минути? Дали со нетрпение ги очекувате викендите за да си го надоместите недостатокот од сон? Дали долгите состаноци, топлите простории и тешката храна Ве успиваат?
Ако спиете добро и доволно, тогаш одговорот е - не.
Како да пресметате колку спиење Ви е потребно?
На Вашиот следен одмор, појдете на спиење кога ќе почувствувате дека Ви се спие и станувајте кога ќе се почувствувате дека сте спремни за да станете од кревет, без да користите будилник.
На почетокот, Вашето тело ќе го надоместува недостатокот на сон, а подоцна ќе Ви каже колку всушност спиење Ви е потребно во текот на една ноќ. Ако не сте во можност ова да го направите додека сте на одмор, тогаш обидете се да станувате секое утро во исто време, но секоја ноќ легнувајте во различно време се додека не ја пронајдете соодветната комбинација.
Попладневна дремка
Сите чувствуваме пад на нивото на енергијата во попладневните часови, дури и ако убаво сме се наспани во текот на ноќта. Попладневната дремка, може да биде моментално решение за недостатокот на сон, но не може да го замени спиењето во текот на ноќта.
Попладневната 15-20 минутна дремка може да ви помогне да постигнете подобра концентрација, да ја подобри вашата издржливост и може да биде многу корисна пред тргнување на пат. Но, попладневната дремка не се препорачува на луѓе кои имаат проблеми со спиењето, затоа што ќе им биде уште потешко да заспијат во текот на ноќта.
Последици од недостаток на квалитетен сон
Дали некогаш Ви се случило да читате иста реченица по трет пат, да не можете да запомните телефонски број, поголема раздразнетост од вообичаено, дали се вознемирувате без да имате очигледна причина за тоа; дали постојано донесувате погрешни одлуки, без да знаете зошто? Дали лежењето во кревет претставуваат продолжено исчекување на сонот и дали и најмали шумови Ве вознемируваат?
Добредојдовте во светот на несоницата.
Краткорочните последици од недостаток на сон брзо се манифестираат во секојдневниот живот: намалена ефикасност, намален умствен капацитет, папсаност, летаргија, потешкотии при фокусирањето, губење на апетитот, забавена дигестија, намалена физичка сила, недостаток на енергија и сила итн. Истражувањата покажаа дека, додека спиеме, нашиот мозок го користи тоа време за процесирање и зачувување на информациите – тоа значи дека луѓето кои имаат здрав сон по учењето ќе задржат повеќе информации отколку луѓето кои не спијат доволно.
Долгорочните последици од недостатокот на сон се помалку забележливи, но претставуваат закана по нашето здравје.
Ослабен имунолошки систем значи намалена отпорност на болести и инфекции (експертите ја поврзуваат и прекумерната тежина и високиот крвен притисок со недостатокот на сон); намалениот умствен капацитет и емоционалната нестабилност можат да ги загрозат врските и да имаат влијание врз вашата ефикасност на работното место (недостатокот на сон се поврзува со хронична депресија).
Несоница
Несоницата е најчестото пореметување на сонот. Од 10 до 26% од луѓето страдаат од повремена несоница. Додека 7 до 20% страдаат од хронична несоница. Несоницата не е болест, туку симптом кој може да трае одреден период, но може да има и траен ефект.
Луѓето кои страдаат од несоница, имаат потешкотии да заспијат, нивниот сон постојано се прекинува. Тоа не е квалитетен сон, и овие луѓе се хронично заморени, нервозни и поспани.
Зошто се јавува несоницата?
- Поради надворешни влијанија (светло, врева, итн.)
- Поради практикување на нездраво живеење (големи количини на кафе во доцните часови, недостаток на физички вежби итн.)
- Причина може да биде и психичко растројство
- Поради земање на прекумерна доза на апчиња за спиење.
Кога несоницата трае повеќе од неколку недели, тогаш станува збор за хронична несоница. Причините за тоа се комплексни.
Може да биде предизвикана од болест која создава болки, мачнина, потешкотии со дишењето, итн.; некое психичко растројство, како на пример депресија, голема употреба на алкохол или лекови, исто така може да биде причина за несоница. Несоницата може да се појави и како последица на нарушен ритам на циклусот на спиење (интензивен ноќен живот, работа во смени инт).
Хрчење
Хрчењето може да изгледа како хомогено создавање на звуци, но всушност претставува сериозен и комплексен феномен. Предизвикано е од различни причини, во различни делови на респираторниот систем.
Иако не може да се смета за медицински проблем и нема медицински последици, сепак претставува непријатна социјална појава проследена со непријатни звуци. Може да укажува неправилно дишење кое исто така може да го нарушат сонот. Квалитетот на дишењето е различен кај луѓето.
Затоа:
- Ако сакате да спиете добро, треба и да дишете правилно.
- Ако сакате луѓето околу Вас да спијат добро, Вие треба да спиете добро.
Зборување во сон и месечарење (одење во сон)
Нормалниот циклус на спиење се состои од четири фази; зборувањето во сон и месечарењето се јавува во последните две фази од спиењето.
Месечарењето може да се манифестира на различен начин, со едноставно несвесно седење во постела , шетање низ собата а понекогаш и со излегување од домот и мирно пешачење по улиците.
Многу ретко лицето може да изведува и покомплексни активности како што се готвење, разместување на мебелот па дури и возење на автомобил. Ако одите додека спиете, или ако живеете со такво лице, секогаш бидете подготвени за да спречите какви било незгоди.
Зошто луѓето одат во сон? Одењето во сон може да започне во детство, поради замор, недостаток на сон, грижи (семејни проблеми) итн. Кога се јавува кај возрасните, причините се слични како и земање на лекарства, дрога, ментално нарушување итн.
Нема потреба од страв доколку треба да разбудите некој кој месечари. Доколку го сторите тоа, лицето може да биде збунето или луто, но само на кратко.
Од друга страна пак, месечарењето може да биде опасно, некои луѓе може да се повредат затоа што се случува да паднат или да удрат во некој предмет итн.
Зборувањето во сон е доста честа појава, не е опасна но е интересна од медицинска гледна точка. Може да биде предизвикана од некој жив сон, продолжена реакција на некоја ситуација која се случила кога сме биле будни.
Понекогаш, во сон зборуваме за работи кои во други околности не би кажувале никому, употребуваме неразбирливи изрази или пак зборуваме на друг јазик, ако оваа појава зачести или се јавува постојано, може да стане доста непријатно за нашиот партнер.
|