Дали Вашето дете е хиперактивно, поспано во текот на денот или пак има проблеми со концентрацијата? Колку ефикасно е неговото спиење? Што ако Вашето дете има нарушено спиење и неправилно дише за време на спиењето?
Дебелината и нарушеното спиење
Кај децата со зголемена телесна тежина постои поголем ризик за болести на срцето, дијабет од типот 2 и висок крвен притисок. Но, се појавува и друг проблем кој многу често е занемарен: дебелината често е причина за нарушено спиење при кое дишењето е неправилно или пак со застој (познато уште и како апнеа), што е сериозна закана за здравјето на Вашето дете.
Застој при дишење за време на спиењето
Апнеата е пореметување поврзано со неколку сериозни здравствени проблеми, какви што се на пример главоболка, висок крвен притисок, неправилен пулс, напад и удар на срце. Луѓето со ова пореметување имаат проблеми со концентрацијата и се чувствуваат поспано во текот на денот.
Застрашувачки проблем помеѓу децата
Најчесто, од ова пореметување страдаат средовечните луѓе, но во последно време бројот на децата со овој проблем бележи застрашувачки пораст. Претставниците на Американската Национална Фондација за Квалитетен Сон предупредуваат за поврзаноста на дебелината и застојот на дишење за време на спиењето.
Детскиот мирен сон е вистинско богатство
Децата мораат да спијат квалитетно и онолку колку што им е потребно. Во денешно време, очигледно е дека децата не спијат достаточно, што претставува закана за нивното:
- здравје,
- продуктивност,
- целокупно расположение.
Обезбедете му на Вашето дете здрава иднина и правилен развој со тоа што ќе му осигурате квалитетно спиење.
Успех или проблеми во училиште
Недостатокот од сон предизвикува намалена концентрација, што пак се рефлектира на способноста за учење. Ова може да биде причина и за проблеми со однесувањето. Премногу често се занемарува нарушеното спиење, па токму затоа децата во училиште се карактеризирани како проблематични и невнимателни. Можеби проблемот е во недоволното квалитетно спиење?
Доколку Вашето дете не спие мирно …
Доколку забележите некои од следниве симптоми за време на спиењето на Вашето дете, можеби во прашање е нарушено спиење при кое дишењето е со застој:
- `рчење,
- прекини во дишењето за време на спиењето,
- немирно спиење,
- дишење преку уста,
- проблем со будењето наутро и покрај достаточното спиење.
Дали Вашето дете е хиперактивно?
Симптоми кои се појавуваат во текот на денот, а кои укажуваат на можноста Вашето дете да има нарушено спиење при кое дишењето е со застој се:
- хиперактивност,
- невнимание,
- проблеми со однесувањето,
- поспаност.
Кога треба да се обратите кај доктор?
Доколку кај Вашето дете забележите некои од горенаведените проблеми и се сомневате дека кај него се појавува застој на дишењето за време на спиењето, консултирајте се со педијатар.
Како да го подобрите спиењето на Вашето дете?
1. Наметнете редовен распоред на спиење: Вашето дете секој ден треба да легнува во исто време и да станува во исто време. Земете ја во предвид возраста на детето и неговите дневни активности, како и неговата природна потреба за сон. На секое дете му се потребни различен број на часови во ноќта за нормално функционирање, но сепак тие часови мора да бидат достаточни за негов правилен развој.
| Возраст |
Број на часови во ноќта |
| 18 месеци - 3 години |
12 - 14 |
| 3 - 5 години |
11 - 13 |
| 5 -12 години |
10 - 11 |
| тинејџери |
9.25 |
Табелата ги покажува потребните часови спиење според возраста
2. Направете рутина пред спиење: ова е многу важно, без разлика на возраста на детето. Рутината треба да се состои од смирувачки активности кои ќе траат 15 до 30 минути. Исклучете го телевизирот, избегнувајте ги физичките активности, компјутерот, телефонот и кофеинот кој може да го има и во чоколадите и некои пијалоци.
Примери за рутини пред спиење:миење заби, туширање, читање (можете да му прочитате приказна за добар сон).
3. Децата треба да имаат балансиран распоред: планирајте ги дневните активности на Вашето дете – но без многу притисок бидејќи нему му е потребно време и за игра.
Здрава телесна тежина
Мора да бидете свесни дека нормалната телесна тежина е од огромно значење за здравјето на Вашето дете. Еве неколку совети:
- Бидете од негова страна: ако Вашето дете има зголемена телесна тежина не потсетувајте го на тоа во секој можен момент доколку не сакате тоа да се чувствува лошо и отфрлено.
- Вклучете спорт во семејните активности: наместо да гледате телевизија, одете на прошетка, возете велосипеди или планинарете. Понудете му на Вашето дете неколку опции од кои тоа самото ќе одлучи.
- Појадувајте семејно: оброкот е ритуал и треба да се случува на маса, а не пред телевизор. Јадете полека и со уживање.
- Не користете ја храната како награда или казна. Децата не треба да бидат на диета освен кога од здравствени причини е препорачана од доктор. На децата храната им е потребна за раст, развој и енергија.
- Доручек: најважниот оброк во денот е здравиот доручек. Вашето дете треба наутро да стане доволно рано за да може мирно да појадува.
|